Румпелстилтскин (или Цвилидрета)

Румпелстилтскин

Народната приказна за Румпелстилтскин најверојатно сте ја слушнале како една од многуте сказни собрани од Браќата Грим, иако се верува дека нејзините корени се далеку постари.

Според некои истражувања, зачетоците на оваа приказна датираат од 4,000 години п.н.е., а за нејзино прво пишано издание се споменува „Римски антиквитети“ на Дионисиј од Халикарнас од првиот век од новата ера.

Покрај германската верзија која што е една од попознатите, сказната за гоблинот Румпелстилтскин и ќерката на мелничарот се јавува и во британското, ирското, словенското, арапското, јужноамериканското, па дури и во јапонското, меѓу други творештва.

Името на гоблинот исто така се менувало во зависност од народите и јазиците, но повеќето од преведените и дел од изворните верзии го користат Румпелстилтскин, збор од германско потекло што во слободен превод значи „зборливко, дрдорко, тропалко“. Во дел од верзиите кај словенските народи се користи името Мартин Ѕвонек (чешки) или Мартинко Клингач (словенечки), додека пак кај Србите и Хрватите се јавува како Цвилидрета.

Во приказната, накратко, се раскажува за еден мелничар којшто сакајќи да се истакне пред кралот, се пофалил дека неговата ќерка може да претвора слама во злато со предење. Откако го слушнал ова, кралот наредил девојката веднаш да ја донесат во неговиот замок, каде што ја затворил во една соба полна со слама и ѝ наредил до наредниот ден сета слама да ја претвори во злато.

Девојката, почнала безнадежно да плаче и тогаш се појавил гоблинот Румпелстилтскин, којшто ѝ помогнал да ја претвори сламата во злато во замена за нејзиниот ѓердан. Утредента, откако кралот видел што се случило, ја затворил девојката во уште поголема соба со слама и ѝ наредил да го повтори истото. Румпелстилтскин повторно ѝ дошол на помош, овој пат во замена за нејзиниот прстен.

Третиот ден, кралот ѝ рекол на девојката уште еднаш да ја претвори сламата во злато, а доколку успее ќе стане негова жена и воедно, кралица. Девојката повеќе немала што да му даде на Румпелстилтскин, но тој предложил повторно да помогне во замена за нејзиното првороденче. Ќерката на мелничарот негодувала и не се согласувала со предлогот на гоблинот, но немала друг избор (во некои верзии од приказната никогаш не се согласила) и Румпелстилтскин повторно ја претворил сламата во злато.

Поминало долго време и девојката, сега кралица, добила новороденче. Тогаш Румпелстилтскин дошол по своето, но таа не сакала да го исполни ветеното. По долго убедување, Румпелстилтскин се согласил да се откаже од одземање на детето доколку кралицата може да го погоди неговото име во рок од три дена.

Кралицата залудно се обидувала да го погоди името на гоблинот, но никако не можела да претпостави кое било неговото вистинско име. Кога започнала да губи надеж, третиот ден кралицата тргнала да го бара гоблинот низ шумата, каде што го здогледала од далеку како пее и танцува. Во занесот, гоблинот го изустил своето име, по што кралицата задоволно си заминала назад.

Подоцна, кога дошол повторно кај кралицата за да го погоди името, таа го знаела неговото име и така успеала да го спаси своето дете од рацете на гоблинот. Румпелстилтскин се разлутил и излетал од кулата преку прозорецот, а според некои верзии на приказната, од лутина се закопал в земја и се преполовил со сопствените раце.

Денес, „принципот на Румпелстилтскин“ – или служењето со вистинските, односно лични имиња и називи се употребува во психологијата, правото, корпоративното раководство и во многу други сфери.

За ова сказна постојат бројни литературни, филмски, театарски и други уметнички и медиумски адаптации.

Според официјалниот книжевен индекс на сказни оваа приказна е насловена како „Името на натприродниот помошник“ и се смета за изворен дел од германското, ирското и скандинавското народно творештво.



De Facto:
Блог за преводот

Содржините на овој блог се поврзани со теми од областа на јазиците, културата и уметноста во однос на историскиот тек на филологијата, хуманистичките науки и преведувањето.

СЛЕДЕТЕ нѐ на Instagram и Facebook!