Митот за Вавилонската кула

Добропознатата приказна за Вавилонската кула со векови се провлекувала низ мноштво цивилизации и култури, но нејзиниот изворен мит се уште претставува енигма за изучувачите на митот, книжевноста и културата. Приказната се споменува уште во Стариот завет како предание според Мојсеј.

Во неа се раскажува за еден народ кој што некогаш зборувал еден ист јазик. Поради тоа луѓето целосно се разбирале едни со други, постојано напредувале и создавале нови нешта. Еднаш, решиле да изградат кула која што ќе се извива дури до небото. Ова ги разгневило боговите поради што решиле да ја срушат кулата, а луѓето ги поделиле на многубројни народи што зборувале на различни јазици коишто повеќе не се разбирале. Така настанале неслогата и неразбирањето помеѓу народите.

Покрај Стариот завет, приказната се јавува и во други цивилизации, па така и се поистоветува со многубројни митологии. Истава приказна се јавува и во античката – грчката, а следствено и римската митологија, но и во асиро-вавилонската, митологијата на Ацтеките, разни племиња во Африка, Индија, Северна и Средна Америка и многу други култури од различни делови на светот.

Долго време се мислело дека Вавилонската кула навистина постоела. Се смета дека најверојатно слична таква градба постоела што и ја инспирирало приказната. Пронајдоци од археологијата укажуваат на една таква кула, односно зигуратот Етеменаки чии урнатини биле пронајдени во близина на Багдад во денешен Ирак. Етеменаки се поврзува и со божеството Мардук од древната митологија на Месопотамија кој се сметал за заштитник на Вавилон во првиот милениум пред новата ера.

Приказната за Вавилонската кула е етимолошки мит кој ја објаснува појавата на многујазичноста, а следствено и поделеноста на човештвото на многубројните народи и култури што постојат денеска.



De Facto:
Блог за преводот

Содржините на овој блог се поврзани со теми од областа на јазиците, културата и уметноста во однос на историскиот тек на филологијата, хуманистичките науки и преведувањето.

СЛЕДЕТЕ нѐ на Instagram и Facebook!