
ЗА најлудиот, но и најобичниот наратив што ќе го запишам сега, ниту барам ниту очекувам некој да ми поверува. Би бил луд, навистина, да очекувам такво нешто, кога и самите мои сетила ги одбиваат доказите. Сепак, луд не сум – и со сигурност не сонувам. Ама утре умирам, а денес, ќе си ја олеснам душичката. Мојата појдовна цел е да му прикажам на светот, кратко, јасно и без коментар, една серија на домашни настани. Како последица, овие настани ме имаат преплашено – измачено – уништено. Но, нема да се обидувам да ги разјаснам. За мене не претставуваат ништо друго освен Хорор – за многумина ќе изгледаат помалку ужасно од барокот. Во иднината, можеби, ќе се најде нечиј интелект што ќе ја сведе мојава фантазма на нешто обично – нечиј посмирен интелект, пологичен и далеку помалку возбудлив од мојот, кој ќе увиди во настаните што ги раскажувам со стравопочит, ништо друго освен обичен редослед на многу природни причини и последици.
Од само раѓање сум се одликувал со послушност и човечна нарав. Мојата кревкост беше толку очигледна што бев мета на исмевање од моето опкружување. Особено бев склон кон животните и моите родители ми дадоа можност да чувам различни видови миленичиња. Со нив го поминував повеќето од времето и никогаш не бев посреќен од тогаш кога ги хранев и галев. Оваа карактерна особина раснеше со мене и во мојата зрелост ми служеше како примарен извор на задоволство. За оние кои почувствувале приврзаност за верно и разумно куче, не мора да се мачам да ги објаснувам природата и интензитетот на задоволството што самото тоа го пружа. Има нешто во несебичната и пожртвувана љубов на животното што оди право во срцето на оној кој имал честа можност да ги искуси безначајното пријателство и лесната верност на обичниот Човек.
Се оженив млад и бев среќен што и мојата сопруга ја дели истава оваа нарав. Согледувајќи ја мојата склоност за домашни миленици, не пропушташе можност да собере некое од оние најприфатливи. Имавме птици, златна рипка, добро куче, зајаци, мало мајмунче и мачка.
Последното беше впечатливо големо и убаво животно, целосно црно и неверојатно паметно. Кога сме кај неговата интелигенција, мојата сопруга која не беше ни малку суеверна, често споменуваше една позната стара идеја според која сите црни мачки се преправени вештерки. Не дека некогаш сериозно го кажуваше тоа – и ова го споменувам не поради некоја друга, подобра причина, туку бидејќи едноставно сега ми текна на тоа.
Плутон – така се викаше мачката – ми беше омилено милениче и другарче. Само јас го хранев и тој одеше по мене каде и да бев низ куќата. Со потешкотии го спречував да не оди по мене и низ улиците.
Нашето пријателство врвеше така со години низ кои мојот општ темперамент и карактер – со помош на Непријателот Незаситност – се имаше (срам ми е да признаам) сменето радикално на полошо. Станував, ден за ден, сѐ понерасположен, пораздразлив, потап за чувствата на другите. Во страдањето, користев недоличен јазик кон жена ми. По некое време станав дури и насилен кон неа. Моите миленичиња, се разбира, беа приморани да ја чувствуваат промената во моето однесување. Не само што ги занемарив, туку и ги злоставував. Со Плутон сѐ уште се воздржував од малтретирање, но немав таква пречка за малтретирање на зајаците, мајмунчето, или дури кучето, кога случајно или со наклонетост ќе ми излезеа на пат. Но, болеста растеше – која болест е како алкохолот! – па, со тек на време дури и Плутон, кој веќе стануваше стар, па поради тоа и некако нагрден – дури и Плутон почна да ги чувствува последиците од мојата лошотија.
Една ноќ, враќајќи се дома прилично пијан, од една од моите опсади на градот, си умислив дека мачката ме избегнува. Го зграпчив; кога, исплашен бидејќи бев насилен, ми направи мала раничка на рака со забите. Лутината на некој демон ме обзеде наеднаш. Не се познавав веќе самиот. Ми се чини душата ми го напушти телото наеднаш и пеколна злонамерност, гаена со џин, ми го стресе секое влакно во телото. Извадив од капутот џебно ноже, го отворив, го фатив кутриот ѕвер за гуша и намерно му извадив едно око од главата! Црвенеам, горам, се грозам, додека пишувам за ова проклет ѕверски чин.
Кога разумот се врати со утрото – откако преспав и изветреа развратот – почувствував нешто што беше половина хорор, половина жалење, за злосторството за кое бев виновен; но беше едно слабо и неодредено чувство кое не допре до душата. Се вратив назад на претерување и наскоро ги удавив мислите за стореното дело во вино.
Во меѓувреме мачката полека заздравуваше. Празнината каде што му фалеше окото изгледаше навистина застрашувачки, но се чинеше дека веќе не чувствуваше болка. Се однесуваше најобично, но очекувано, бегаше како споулавен од мене. Ми имаше останато уште толку од срцето на стариот јас за во почетокот да чувствувам тага поради очигледното избегнување од суштество кое некогаш ме сакаше. Но, ова чувство наскоро се претвори во иритација. Потоа дојде, како мое финално и неповратно соборување, духот на ПЕРВЕРЗИЈАТА. Филозофијата не го познава овој дух. Но, посигурен од сѐ сум дека јас сум таа перверзија, како една од примитивните импулси на човечкото срце – една од неделивите основни функции или сентименти кои му даваат насока на Човечкиот карактер. Кој се нема фатено, стопати, правејќи некоја грда или смешна активност, не од некоја друга причина туку бидејќи знае дека не треба? Зарем немаме незапирлива наклонетост, спротивна од секој наш суд, за кршење на нешто што е Закон, чисто бидејќи го сметаме за такво? Овој дух на перверзијата, велам, ми беше последно соборување. Беше таква неразбирлива желба на душата да се свие – да изнуди насилство на сопствената природа – да греши чисто заради гревот – што ме натера да продолжам и конечно да ја довршам повредата што му ја нанесов на безопасниот ѕвер. Едно утро, мртов ладен, му врзав јаже околу вратот и го обесив околу гранката на едно дрво; – го обесив дури солзи ми течеа од очите и со горко каење во срцето; – го обесив бидејќи знаев дека ме сакаше и бидејќи чувствував дека ми нема дадено причина или навреда; – го обесив бидејќи знаев дека така правев грев – смртоносен грев што ќе ми ја однесе бесмртната душа – ако воопшто е можно такво нешто – вон дофат на бесконечната милост на Најмилостивиот и Најужасниот Бог.
Ноќта, по дента кога суровото дело беше сторено, ме расони плачот на огнот. Завесите околу мојот кревет беа во пламен. Целата куќа жареше. Со голема потешкотија мојата сопруга, слугата и јас избегавме од пламените јазли. Сѐ беше уништено. Целото мое богатство на овој свет проголтано, а јас, се оддадов после тоа на очајување.
Издигнат сум над слабоста за барање врска помеѓу причината и последицата, меѓу катастрофата и ужасното дело. Но, излагам во најситни детали ланец на факти – и посакувам да не изоставам ниту една можна врска во несовршенство. Дента по пожарот, ги посетив урнатините. Ѕидовите, со еден исклучок, беа паднати. Исклучокот беше еден внатрешен ѕид, не многу дебел, кој стоеше скоро во средина на куќата и за кој беше потпрен мојот кревет од кај главата.
Гипсот тука во голема мера го издржал огнот – факт кој сметав дека се должи на скорешното премачкување. Околу овој ѕид се имаше собрано густа толпа и многу од луѓето ми се чинеше како да набљудуваат одреден дел од него многу сконцентрирано и со особено внимание. Зборови како „чудно!“ „уникатно!“ и други слични изрази ја изнудуваа мојата љубопитност. Се приближив и на белата површина видов врежано како во релјеф фигура на огромна мачка. Сличноста беше со навистина неверојатна прецизност. Имаше јаже околу вратот на животното.
Кога првпат го забележав овој привид – кој не можев да го опишам како нешто друго – бев екстремно вчудовиден и преплашен. Но, подоцна, присетувањето ми дојде на помош. Мачката, се сеќавам, беше обесена во градина блиску до куќата. По алармот за пожар, градината веднаш била исполнета со толпа – од која некој сигурно го симнал животното од дрвото и го фрлил, низ отворениот прозорец, во мојата одаја. Ова веројатно било сторено со цел да ме разбуди од сон. Падот на другите ѕидови ја притиснал жртвата на мојата суровост во материјалот на свежо нанесениот гипс; а од варта, со пламените јазли и амонијакот од трупот, настанал портретот којшто го видов.
Иако вака веднаш си објаснив на умот, ако не целосно на совеста, за страшниот факт кој го опишав, тоа не оспори истиот да остави длабока трага во моите мисли. Со месеци не можев да се ослободам од фантазмата на мачката, и во овој период во моето битие се врати еден полу-сентимент, кој наликуваше, но не беше, каење. Отидов дотаму што зажалив за загубата на животното и решив да си барам, во злите опсади што сега често ги правев, друго милениче од истиот вид и донекаде сличен изглед со цел да го заземе неговото место.
Една ноќ додека седев речиси замаен во едно недолично дувло, моето внимание наеднаш беше привлечено од еден црн предмет што лежеше врз едно многуте буриња со Џин или Рум, што беше и главен мебел во станот. Гледав упорно во едно од бурињата неколку минути и тоа што ме изненади беше фактот што порано не го забележав предметот што беше таму. Се приближив и го допрев со мојата рака. Беше црна мачка – многу голема – баш колку Плутон, и беше многу слична на него во сите аспекти, освен еден. Плутон немаше бели влакна никаде на телото; но оваа мачка имаше голема, неодредена бела дамка која му ја прикриваше целата регија околу градите.
Откако го допрев, тој веднаш стана, почна да преде гласно, се погали од мојата дланка и изгледаше задоволен кога ме виде. Ова, тогаш, беше суштеството по кое трагав. Веднаш понудив да го купам од сопственикот; но оваа личност не тврдеше дека е негова – не знаеше ништо за неа – ја немаше видено претходно.
Продолжив со галење и кога бев спремен да си одам дома, животното изрази желба да ми се придружи. Му дозволив да го стори тоа; повремено застанувајќи и тапкајќи го како што се движев. Кога стигна до куќата многу брзо се припитоми и веднаш ѝ стана омилено на жена ми.
Кај мене, пак, наскоро забележав дека се раѓа антипатичност кон него. Ова беше токму спротивно од тоа што го очекував; но – не знам како и зошто беше така – неговата очигледна приврзаност со мене ми беше гадна и ме нервираше. Малку по малку, овие чувства на гадење и нервирање прераснаа во горка омраза. Го избегнував суштеството; извесно чувство на срам и сеќавањето на моето претходно злодело ме спречуваа физички да го малтретирам. Првите неколку недели не го удирав или малтретирав на било каков начин, но постепено – многу постепено – почнав да го гледам со неопислива омраза и да бегам кришум од неговото одвратно присуство, како од здивот на поморот.
Она што несомнено додаваше на омразата кон ѕверот беше откритието, следното утро откако го донесов дома, што како и на Плутон, и нему едното око му беше извадено. Оваа околност, пак, само го направи помило на жена ми, која, како што претходно реков, поседуваше, човечна сочувствителност од висок степен, што некогаш беше и моја главна одлика и извор на многу од моите едноставни и чисти задоволства.
Со мојата аверзија кон мачкава, нејзината приврзаност кон мене изгледаше дека расте. Ми ги следеше чекорите со таква доследност што би била тешка да се објасни за читателот. Кога и да седнев, ми се моташе под столот, или ќе се исправеше на моите колена, покривајќи ме со одвратно галење. Ако станев да одам, ми доаѓаше меѓу нозете и само што не ме туркаше, ги шибаше долгите и остри канџи во мојата облека и се качуваше вака до моите гради. Во таквите моменти посакував да го уништам со удар, но бев сепак задржан да го сторам тоа, делумно од сеќавањето на моето претходно злосторство, но главно – да признаам веќе еднаш – од апсолутен уплав од ѕверот.
Овој уплав не беше уплав од физичко зло – ама не знам како да го објаснам на друг начин. Скоро срамно ми е да празнаам – да, дури и во оваа ќелија за престапници, скоро ми е срам да признаам – дека теророт и хоророт што ги побудуваше животното кај мене, беа засилени со една од најобичните химери што може да се замислат. Сопругата повеќепати ми имаше посочено за типот на шарата од бели влакна, за која зборував и која претставуваше единствена очигледна разлика меѓу чудниов ѕвер и оној што го имав уништено. Читателот ќе се сети дека оваа шара, иако голема, првично беше недефинирана; но, со спори чекори – чекори дури незабележливи, кои долго време мојот Разум се обидуваше да ги отфрли како измислени – подоцна доби строго дефинирана форма. Сега претставуваше еден објект, за кој се тресам да го именувам – и поради ова, најмногу од сѐ, го мразев и стравував, и ќе се ослободев од чудовиштето да имав смелост – сега беше, ви велам, слика на одвратно – застрашувачко нешто – на ГИЛОТИНА! – оф, тажна и ужасна направа на Хоророт и Злосторството – на Агонијата и Смртта!
И дури сега бев навистина проколнат повеќе од проклетството на самото Човештво. И суровиот ѕвер – чиј двојник со умисла го уништив – суров ѕвер што ми предизвика мене – човек, створен во сликата на Севишниот Бог – толку многу неподносливо страдање! Оф! Ни дење ни ноќе не знаев веќе за благодат на Мир! Дење суштеството не ме оставаше сам ни за миг; ноќе почнав секој час, од соништа со неискажлив страв, да го чувствувам топлиот здив на нештото по моето лице и неговата голема тежина – олицетворение на Ноќната Мора, што немав сила да ја оттргнам – вечно прицврстена за срцето!
Од притисокот на измачувања како овие, слабиот остаток од доброто во мене исчезна. Зли мисли ми станаа единствени придружници – најтемните и најлоши мисли. Раздразливоста на мојот вообичаен темперамент се претвори во омраза за сите нешта и целото човештво; за тоа време, од непредвидливите, чести и незауздливи изливи на бес на кои веќе слепо им се препуштив, мојата сопруга која не се жалеше, оф, беше најчеста и најтрпелива жртва.
Еден ден дојде со мене откако завршивме со некои домашни работи во подрумот на старата зграда каде што нѐ однесе сиромаштијата. Мачката ме следеше по стрмните скали, а поради тоа за малку ќе паднев право на глава, тоа ме доведе до лудило. Зедов секира и заборавајќи во бесот на детинестиот уплав кој ми ја држеше раката досега, ја фрлив кон животното што ќе беше фатално ако го погодеше како што имав намера. Но, овој удар беше задржан од раката на жена ми. Наведен од вмешувањето во бес поголем од демонски, ја извлеков раката од нејзиниот фат и ја закопав секирата во нејзиниот мозок. Падна мртва на лице место, без да испушти глас.
Откако го извршив ова ужасно убиство, решив по добро размислување да го сокријам телото. Знаев дека не можам да го изнесам од куќата, ни преку ден ни преку ноќ, без ризик да ме види некој од соседите. На многу работи ми текна. Едно време мислев да го иситнам трупот на мали делови и да ги запалам. Потоа, бев на мисла да ископам гроб во подот на подрумот. Па да го фрлам во бунарот во дворот – да го спакувам во кутија, како роба, со сите вообичаени детали, па така портирот би го изнел од куќата. Конечно, дојдов до нешто што сметав дека е многу подобро решение од сите овие. Решив да го заѕидам во подрумот – како што правеле монасите во Средниот век со нивните жртви според записите.
За ваква цел подрумот одговараше совршено. Ѕидовите не беа добро направени и пред скоро време биле прекриени со груб гипс, што поради влажниот воздух не се исушил. Освен тоа, во еден од ѕидовите имаше простор оставен како лажен оџак или огниште кое било заѕидано со цел да изгледа како остатокот од подрумот. Немав сомнеж дека можам да ги извадам тулите на ова место, да го вметнам трупот и да го соѕидам сето назад, така што никој не би можел да види ништо сомнително.
Не погрешив со оваа пресметка. Со помош на лост лесно ги извадив тулите, го наместив телото спроти внатрешниот ѕид внимателно и со малку потешкотија ги вратив тулите назад каде што беа првично. Имајќи набавено малтер, песок и влакна, со многу претпазливост, спремив смеса која не се разликуваше од старата и со ова поминав преку новоизѕиданиот ѕид. Кога завршив, бев задоволен што сѐ беше во ред. Не се познаваше дека ѕидот бил нарушен ни малку. Отпадот од подот го собрав со најголемо внимание. Погледнав околу себе триумфално и си реков: „Еве, ако не друго, трудот не ми беше за џабе.“
Следен чекор ми беше да го најдам ѕверот кој беше причината за целава мизерија; бидејќи бев цврсто решен да го убијам. Да можев да го најдам во тој миг немаше да има трошка сомнеж за неговата судбина; но изгледа дека вештото животно беше алармирано од насилството во мојата претходна лутина што не се осмелуваше да се појави пред мене во моменталното расположение. Невозможно е да се опише, или да се замисли, длабокото, прекрасно чувство на олеснување што отсуството на ова омразено суштество ми го предизвика во градите. Не се појави ниту во ноќта – па така, барем една ноќ од неговото доаѓање во куќата спиев мирно и спокојно; да, спиев дури и со товарот на убиство на душата!
Поминаа вториот и третиот ден, но мојот мачител уште не дојдаѓаше. Уште еднаш воздивнав како слободен човек. Чудовиштето, во страв, ги напуштило премисите засекогаш! Не мора да го гледам веќе! Среќата ми беше преголема! Вината од моето мрачно дело ме мачеше, но малку. Беа направени неколку истраги, но беа веднаш решени. Дури имаше и претрес – но се разбира, ништо не беше најдено. Гледав на својата идна среќа како обезбедена.
Четвртиот ден од убиството, дојде полиција, многу неочекувано, во куќата и презеде строга истрага на местото. Но, сигурен во тајноста на моето скришно место, воопшто не се вознемирив. Полицијата сакаше да им се придружам во потрагата. Не оставија неистражен ниту еден агол. Потоа, по трет или четврти пат се спуштија во подрумот. Око не ми трепна. Срцето ми биеше смирено како на некој што мирно си спие.
Го изодив подрумот од крај до крај. Ги прекрстив рацете и лесно се движев натака-навака. Полицијата беше темелно задоволена и беа спремни да тргнат. Срцето ми заигра од среќа што не се воздржуваше. Горев да кажам барем збор, победнички и да ги убедам двојно во мојата невиност.
„Господа,“ реков најпосле, како што беа тргнале да се качуваат по скалите, „ме радува што ги оттргнав вашите сомнежи. Ви посакувам добро здравје на сите и малку повеќе учтивост. Инаку, господа, ова – ова е многу добро изградена куќа.“ (Од бесна желба да кажам нешто кратко, едвај знаев што кажав.) – „Можам да кажам одлично цврсто изградена куќа. Овие ѕидови – одите господа? – овие ѕидови се цврсто изградени;“ и овдека, од самиот занес на бравадото, тропнав силно со една трска што ја држев во рака баш по местото на ѕидот зад кој стоеше трупот на мојата драга сопруга.
Бог нека ме чува од волчјите заби на Непријателот! Само што настана молк по моето излагање, добив одговор од глас во гробницата! – од плач, првин пригушен и прекинат, како липање на дете, а потоа брзо премина во еден долг, гласен, постојан врисок, сосема неприроден и нечовечки – виење – завивачки писок, половина хорор и половина триумф, каков што можеше да излезе само од пеколот, во еден глас од грлата на проколнатите во нивната агонија и демоните кои се радуваат во проклетството.
Смешно е да зборувам за моите мисли. Зашеметен, се фрлив на спротивниот ѕид. За еден краток миг групата на скалите не се поместуваше поради екстремниот терор и чудење. Следниот миг, десетина цврсти раце работеа на ѕидот. Целосно се срамни. Трупот, веќе мошне распаднат и во локви крв, стоеше исправено пред очите на гледачите. На главата, со црвена зината уста и единечно огнено око седеше одвратниот ѕвер чија умешност ме заведе во убиство и чиј информативен глас ме испрати на бесилка. Сум го соѕидал чудовиштето внатре во гробницата!
Превод од англиски јазик:
А. Петровски
The Black Cat (1845)
– Edgar Allan Poe (1809 – 1849)

