Древните тајни на Каменот од Розета

Веројатно имате слушнато за Каменот од Розета, но дали знаете што тој всушност претставува? Бил откриен во 1799 година од страна на војската на Наполеон на северниот брег на Египет. Овој древен артефакт претставува особено значајно откритие за толкување на тајните на древниот свет од минатото.

Самиот камен, односно камената плоча биле откриени во непосредна близина на градот Ел-Рашид, приморско пристаниште на Средоземното Море кое што французите го нарекувале Розета што во превод значи „мала роза“.

Било утврдено дека на плочата стојат три натписи чие значење во суштина е идентично, испишани на три различни писма. Првите два го претставуваат јазикот кој што се зборувал во Древниот Египет. Првото е самото писмо на хиероглифите, а второто модификувана форма на хиероглифите, односно јазикот кој што се зборувал таму во времето кога плочата била создадена, познато како демотско писмо. Третиот натпис бил испишан на старогрчки јазик и писмо.

Каменот-од-Розета

Натписите на сите три писма посочуваат на тоа дека Каменот од Розета е всушност законски документ, односно указ со кој му се изрекуваат посебни почести на владетелот. Овој декрет требало да се достави до сите значајни храмови на територијата на целата држава и на него да бидат испишани трите наведени писма издлабнати во камена плоча.

Имено, ваквиот указ бил изречен од страна на совет на врховни свештеници во Мемфис, собрани од целата територија на Древната Египетска цивилизација од времето на Птоломеј V. Овој податок е издлабнат на самиот декрет на кој стои дека е изречен на 27-ми март, 196 година п.н.е.

Со ова на владетелот му биле укажани посебни почести кои биле претставени дури и како божествени. Причина за тоа биле задоволството на жителите и значајните реформи кои го подобриле живеењето на народите кои живееле во Древниот Египет во тој период.

Важно е да се спомене дека Птоломеј V всушност не бил првиот член од неговата династија за кого било изготвено указ со вакви почести. Всушност, покрај указот од Мемфис, постојат уште неколку такви укази што биле изготвени во чест на Птоломеј V, но декрети со слична цел и значење биле изготвени и за неговите претходници, како и за неговиот наследник.

Ваквата практика за создавање на укази на камени плочи во чест на владетелите од страна на свештеничките кругови било честа појава во Египет за време на владеењето на Птоломејската династија. Поради ова постојат голем број на пронајдени плочи со декрети за неколку членови на династијата, а некои од нив дури и се зачувани во целост.

На овој начин е овозможена и реконструкцијата на целиот указ од Каменот од Розета, бидејќи иако е прв откриен документ од ваков тип, постојат и други кои допринеле кон откривање на нивното целокупно значење.

Зошто е значаен Каменот од Розета?

Каменот од Розета е уникатен документ од минатото кој што им овозможил на научниците и истражувачите на минатото да го дешифрираат значењето на хиероглифите. Причината за тоа е што текстот на овој декрет е испишан на три писма, но е сосема идентичен, односно претставува превод на еден ист натпис. Откако бил откриен, научниците успеале да го дешифрираат значењето на хиероглифското писмо врз основа на другите натписи. Од особена важност за тоа придонело обраќањето кон владетелот, на кој низ целиот текст му се обраќале на ист начин – „Птоломеј, кој засекогаш ќе живее, љубен од Птах“.

Птоломеидите биле Антички Македонци кои останале да владеат со Египетската држава по нејзиното освојување од страна на Александар Трети. Клеопатра, последениот владетел на Древен Египет, била воедно и последен член на оваа династијата. Тие зборувале на старогрчки јазик, поради што и еден од натписите на каменот е испишан со старогрчки букви, а со тоа и било овозможено откривањето на значењето на хиероглифските букви и знаци.

Познато е и дека секое од трите писма било ставено на декретот со одредена цел, имено бидејќи ги претставувале говорите кои што биле во употреба во тоа време. Старогрчкиот јазик бил службен јазик кој се користел во законски документи и државни работи, демотското писмо се користело во секојдневна употреба меѓу населението, а се употребувало за јазикот кој што се зборувал локално, додека пак хиероглифите се користеле претежно од страна на свештениците за вршење на духовната служба и било непознато за останатите од населението во тој период.

Денес, Каменот од Розета важи за симбол кој претставува мост помеѓу различни народи и култури и воедно начин за комуникација и разбирање помеѓу истите, покрај нивните јазични и останати бариери.



De Facto:
Блог за преводот

Содржините на овој блог се поврзани со теми од областа на јазиците, културата и уметноста во однос на историскиот тек на филологијата, хуманистичките науки и преведувањето.

СЛЕДЕТЕ нѐ на Instagram и Facebook!